Здравство

На Клиниката за онкологија недостиг на дел од терапијата за меланом

27.03.2026 17:48

Ракот на кожа зема сè поголем замав, а возрасната граница се намалува. Дерматолозите со став – редовните прегледи можат да го превенираат ова малигно заболување. И додека бројот на новозаболени од карцином бележи раст, Клиниката за онкологија се соочува со недостиг од одредени терапии...

Ракот на кожа зема сè поголем замав, а возрасната граница се намалува. Докторите сè почесто го дијагностицираат кај млади, па дури и кај тинејџери. Најпогоден регион е источниот дел од земјава. Дерматолозите со став – редовните прегледи можат да го превенираат ова малигно заболување.

„За жал кај нас има многу пациенти особено во источниот дел од Македонија кои работат земјоделие и секојдневно се изложени на УВ зраци. Но, многу е симната старосната граница се помлади пациенти имаме и со меланом и со кожни карциноми, збориме за 25-26 годишна возраст“, вели д-р Анџелка Илиева – специјалист дерматовенеролог.

И додека бројот на новозаболени од карцином бележи раст, Клиниката за онкологија се соочува со недостиг од одредени терапии. Здравствените власти засега немаат прецизен одговор дали тендерот за набавка е распишан, но уверуваат дека со новите законски измени нема да има доцнење на терапијата. Едно од решенијата е шест месеци пред истекот на рокот, да започнат тендерските процедури.

„Бидејќи често ни се случува или производителите да немаат можност да ги достават количините, а веќе се платени или од друга страна постапката заради административни причини ќе треба да се повтори. А жал секоја година ни се случува тоа, затоа и овој закон и другите закони се надевам дека прво ќе го решиме од правна гледна точка проблемот“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.

Во меѓувреме пациентите се соочуваат со недостиг од терапија за рак на дојка, бели дробови, меланом и простата. Од Клиниката за онкологија информираат дека проблемот ќе биде надминат и дека лековите наскоро се очекува да пристигнат.

Андријана Ѓурческа