Реакции

Мицкоски ги отфрли тврдењата за интервенции врз говорот на Меланија Трамп

27.03.2026 17:10

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли тврдењата дека грчката амбасада во Вашингтон влијаела врз говорот на Меланија Трамп, оценувајќи дека евентуален пристап до содржината однапред би значел сериозен пропуст во безбедносните протоколи на САД.

Невозможно е некој од надвор да дојде до говорот на Меланија Трамп пред таа да го соопшти на јавноста, доколку се случило тоа САД имаат голем проблем во безбедносниот протокол, изјави премиерот Мицкоски по информациите дека Грчката амбасада во Вашингтон реагирала и се спротивставила на употребата на името Македонија на собирот кој го организираше првата дама на САД, а на кој присуствуваше и неговата сопруга, Рози Мицкоска.

Повеќето грчки медиуми повикувајќи се на дипломатски извори тврдат дека нивниот амбасадор во САД, Антонис Александридис, навремено бил информиран за содржината на говорот во кој се употребувало само името Македонија и интервенирал да биде направена корекција.

По неговата интервенција првата дама на САД се обрати на соседната земја под нејзиното уставно име, со што се избегна какво било погрешно толкување или дипломатска тензија, наведуваат грчки медиуми.

Глобалниот самит беше организиран од Меланија Трамп и на едно место ги собра првите дами од многу држави во светот, меѓу нив и сопругата на македонскиот премиер, Рози Мицкоска, која имаше свое обраќање на работна сесија, а оствари и разговор и размени мислења со првата дама на САД.

Викторија Милевска