Во Велес петто издание на театарскиот фестивал „5РЕ“, актерската награда за животно дело за Атила Клинче
За 44 години на театарската сцена, Атила Клинче ја доби актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ која му беше врачена на синоќешното отворање на театарскиот фестивал „5РЕ“. Публиката за петто издание на фестивалот ќе има можност да види седум претстави, две се од странство.

За десет дена на фестивалот „5РЕ“ публиката ќе види седум претстави, една премиера, две од странство Србија и Црна Гора и монодрама за затворање. На отворањето беше доделена актерската награда за животно дело Петре Прличко. Годинашен добитник е Атила Клинче, пензиониран актер на Турскиот театар и професор на Факултетот за драмски уметности, кој 44 години беше присутен на театарската сцена.
За наградата одлучуваше жирито-Слободанка Чичевска како минатогодишен добитник и актерите Васил Зафирчев и Благојчо Стојанов. Фестивалот „5РЕ“ се игра пред распродадена сала и на билетарницата првиот ден од продажбата се создадоа редици за билети.
Фестивалот се организира со финансиска поддршка од 20.000 евра од Општина Велес и Министерството за култура. На затворањето ќе бидат поделени награди за претстава, режија и актерски остварувања. Публиката со нетрпение го очекува секое негово издание.
По завршувањето на синоќешната премиера изненадување на актерот Јордан Витанов, подарок за него, оти пред 50 години на 27 март 1975 година, за прв пат застанал на театарската сцена со улога во претстава.
Петар Печков
