Патувањата се враќаат, но стравот остана
Актуелните случувања на Блискиот Исток погодија повеќе сектори. Меѓу нив и туристичкиот. Поради состојбата се откажаа дел од летовите, но и граѓаните од страв, одлучуваат да останат дома. Како е во моментов изнесува Елена Георгиевска.

Воениот конфликт на Блискиот Исток „го погоди“ и туристичкиот сектор. Агенциите со значајни загуби.
Дел од аранжманите изминатиот период беа откажани. Некои поради забраната за летови, во други пак патниците од страв одлучија да останат дома. Но во моментов велат нема ограничувања, па граѓаните можат безгрижно да си ги планираат своите патувања. Од туристичките агенции, националната асоцијација на туристички организации, со очекувања состојбата ќе се стабилизира. Аранжманите се реализираат според планираното, резервациите за летувања, пролетните патувања се во тек. Не регистрираат откажувања. Но, сè уште потврдуваат постои страв кај патниците.
„Штетите секако дека се големи таму каде што имало откажувања на летови каде самите авиокомпании ги откажале летовите, меѓутоа тука имаме рефундација каде што самата компанија каде што не било летањето реализирано секако дека постои рефундација на средства, но зборуваме за аранжмани каде што немало официјална забрана за летање и летовите биле непречено реализирани и таму состојбата е нормализирана и се функционира нормално. Интересот за летните аранжмани е секако во тек немаме никакви случувања на дестинации коишто се актуелни кај нас за летување, како Грција, чартер програмите во Турција, Египет, Тунис, Бодрум и слично“, вели Наташа Трајковски, туристички работник.
Граѓаните потврдуваат постои страв за патување, но сепак зависно и од семејниот буџет ќе одлучат каде ќе патуваат.
Дали состојбата со конфликтот ќе ги пренасочи туристите на други дестинации, кои се сметаат за побезбедни и стабилни, останува да видиме. Од Националната асоцијација потенцираат состојбата се следи со институциите, Министерството за туризам.
Елена Георгиевска
