Свет

Петта недела војна на Блискиот Исток

28.03.2026 13:02

Иран соопшти дека извршил повеќе напади врз Израел и САД, a неговите сили одржуваат паметна и моќна контрола над Ормускиот теснец.

Војната на Блискиот Исток влезе во петтата недела. Јеменските Хути, поддржани од Иран, испукаа ракета кон Израел за прв пат од почетокот на конфликтот и се заканија со војна против секој нов сојузник на САД и Израел.

Јеменските вооружени сили, со помош на семоќниот Алах, ја спроведоа својата прва воена операција, лансирајќи балистички ракети што ги таргетираа чувствителните воени цели на израелскиот непријател. Оваа операција успешно ги постигна своите цели, но ќе продолжиме сè додека не се постигнат сите наведени цели и сè додека не престане агресијата на сите фронтови на отпорот“, изјави Јахја Сари, портпарол на војската на Хутите.

Иран соопшти дека извршил повеќе напади врз Израел и САД, a неговите сили одржуваат паметна и моќна контрола над Ормускиот теснец.

„Нашите посветени борци додека одржуваат паметна и моќна контрола врз Ормускиот теснец и ја држат иницијативата во Персискиот Залив, ќе продолжат со нападите врз непријателските позиции во регионот со сила“, изјави потполковник Ебрахим Золфагари, портпарол на „Хатам Ал-Анбија“.

Најмалку едно лице е убиено во Тел Авив по напад врз Израел доцна синоќа. Областа била погодена од касетна муниција лансирана од Иран.

„Израелската полиција реагираше откако иранскиот режим повторно го нападна нашето цивилно население. За жал, како резултат на касетната муниција што беше испукана врз цивили, имаме една жртва. Имаме уште четири лица кои беа евакуирани во болница“, рече Дин Елсдун, портпарол на полицијата на Израел.

Додека во ирански ракетен напад беа повредени неколку американски војници и оштетени авиони во база во Саудиска Арабија, претседателот Трамп уверува дека неговата војска ги постигнува своите цели во војна против Иран.

„Поблиску сме од кога било до подемот на Блискиот Исток кој конечно е ослободен од иранскиот терор, агресија и нуклеарна уцена. Под мое водство, Америка ја завршува заканата што ја претставува овој радикален режим, уништувајќи ги капацитетите на Иран со операцијата „Епски бес“, нешто што никој досега не видел нешто слично. Имаме убедливо најмоќна војска во светот“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во нападот врз воздухопловната база „Принц Султан“ биле вклучени ирански проектил и беспилотни летала. Оштетени се неколку американски авиони за полнење гориво.

Катерина Бојаџиева