Шкотска- Обединето Кралство: Мелодрама пред разводот на векот
Камерон предупреди – ќе се поделат празниците, војската, амбасадите. Шкотска ќе го изгуби членството во Европската унија. Ќе ја изгуби фунтата, каматите на хипотеките, пазарната стабилност...

Британска мелодрама во шкотски Абердин. Два дена пред разводот на векот меѓу Шкотска и Обединетото Кралство, премиерот Камерон со говор без страст, а полн со патетика, се обиде да ги убеди Шкотите да гласаат „не“ на референдумот.
„Оваа одлука може да го растури нашето семејство на нации. Нема враќање ни репризи – ако Шкотска гласа „да“, Обединетото кралство ќе се раздели. Ќе тргнеме по различни патишта засекогаш“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Велика Британија.
Камерон предупреди – ќе се поделат празниците, војската, амбасадите. Шкотска ќе го изгуби членството во Европската унија. Ќе ја изгуби фунтата, каматите на хипотеките, пазарната стабилност. Но богатата со нафта Шкотска го отфрли предупредувањето на Камерон дека ако нешто е предобро да биде вистинито, тогаш навистина е така.
„Сигурен сум дека ќе помогнат за стабилизирање на пазарот, дека ќе бидат конструктивни. Пазарот го смирува мирната власт, а не кога Даунинг стрит ќе објави дека нема резервен план“, рече премиерот на Шкотска, Алекс Салмонд.
Лидерите на трите најголеми британски партии, Камерон, Милибанд и Клег се обидуваат да го сменат резултатот со поголеми овластувања за шкотскиот парламент, еднаква поделба на ресурсите и самостојно управување со фондовите. За шкотската кампања, само независност гарантира поголема власт.
„Сакаме да останете, со глава, срце и душа. Ако не ви се допаѓам јас, нема да бидам овде засекогаш. Ако не ви се допаѓа владата, таа нема да биде вечна. Но ако го напуштите Обединетото кралство, тоа ќе биде засекогаш, нагласи Камерон.
Реакцијата на САД внимателна – ќе го почитуваат исходот на референдумот, но претпочитаат нивниот сојузник да остане силен и обединет, се вели во соопштението од Белата куќа.
Ивана Салтировска
