Долгорочни последици од кризата на Блискиот Исток
Војната на Блискиот Исток ќе потрае, но и веднаш да престане последиците ќе бидат големи, сметаат дел од експертите. Таа ќе предизвика глобално нарушување на ланците на снабдување со енергенси, храна, ѓубрива, па и на капиталот. Македонија краткорочно добро менаџира со состојбите, но мора да предвиди и долгорочни мерки, вели директорот на Институтот за стратегиски и безбедносни студии, Раби Седрак.

Последиците од војната на Блискиот Исток ќе се чувствуваат со месеци и доколку таа заврши сега, веднаш, сметаат експертите. Се случува петтата миграција на капиталот од Дубаи кон Сингапур. А воопшто, вели нашиот соговорник Раби Седрак, таа ќе предизвика глобално нарушување на ланците на снабдување.
Шест години членство во НАТО на земјава ѝ донесе многу поволности, вели Седрак и не се работи само за безбедносна заштита, туку и за стабилност, која е доволна гаранција за инвеститорите, па дури и пристап до интелигентни алатки.
Европската банка за обнова и развој, пак, оцени дека нашата економија е една од најранливите, бидејќи сме увозно зависни особено од енергенси, храна, ѓубрива, но и поради ограничениот фискален простор.
Сепак, сега за сега, ако се гледа краткорочно земјава добро ги менаџира состојбите. Резервите на енергенси се за нешто повеќе од 60 дена, што е состојба подобра од оние во соседството. Но, потребно е властите да размислуваат и долгорочно покривање на овие потреби, уверува Седрак.
Фиљана Кока
