Бешлиовска: Полесно се наоѓа козметичарка, отколку медицинска сестра
На хартија – 700 невработени сестри. Во реалност – кога ќе ги барате, ги нема. Не заминале во странство. Не се префрлиле во приватно. Едноставно си заминале од професијата. А оние што останале, работат до прегорување. Се жалат дека закони се носат без нив.

Во оваа земја полесно се наоѓа козметичарка, отколку медицинска сестра. Ова не е претерување, туку реалност – вели претседателката на Здружението на медицински сестри, Гордана Бешлиовска.
На хартија – 700 невработени сестри. Во реалност – кога ќе ги барате, ги нема. Не заминале во странство. Не се префрлиле во приватно. Едноставно си заминале од професијата. А оние што останале, работат до прегорување. Се жалат дека закони се носат без нив. Реформи се прават без нив, а од нив се очекува да го носат системот.
Нарушени се сите стандарди за бројот на медицински сестри, вели Бешлиовска, а тоа директно влијае на грижата за пациентите, особено во интензивна нега. Последиците се компликации, подолго лекување и повисоки трошоци.
Денес, здружението стана дел од Светската федерација на медицински сестри.
„Наша цел е да помогнеме и да ја увериме актуелната власт, поранешната, сегашната и идната, колку се медицинските сестри важни во составот, колку е важна регулацијата на сестринската пракса, колку е важно медицинските сестри да добијат закон, да имаат свое регулаторно тело, своја комора, образованието на сестрите да биде формално, да биде признато, да биде спроведувано на факултетите и да биде платено адекватно“, изјави Адриано Фригановиќ – претседател на ЕСНО.
„Се надеваме дека излагањата на денешниот симпозиум ќе одекнат, а ако не се случи тоа и понатаму ќе се трудиме да пружиме поддршка на нашите колеги затоа што знаеме колку е круцијално и важно одредени одговорности да легнат во некакви правни рамки, затоа што тоа дефинитивно го подобрува денешниот квалитет и утрешната сигурност“, додаде Кристиан Цивка – потпретседател на ИФНА.
Медицинските сестри алармираат – кризата не е во бројките. Кризата е во тоа што никој повеќе не сака да биде дел од професијата која не е препозната од системот.
Катерина Топалова
