Мицкоски: Мерките имаат ефект, продолжуваме со реформите
Премиерот посочува дека мерките со намалувањето на ДДВ-то даваат ефект, но оти состојбите се следат и ако е потребно ќе се интервенира. Додека СДСМ критикува, според последните анкети со најголем рејтинг меѓу граѓаните е Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Владата во понеделник очекува намалување на цените на бензините за два денари, а доколку не остане иста цената на дизелот, таа би се зголемила за максимум половина денар. Премиерот Мицкоски посочува дека мерките со намалувањето на ДДВ-то даваат ефект, но оти состојбите се следат и ако цената на нафтата продолжи да расте, да се интервенира и во делот на акцизите.
Претседателот на СДСМ, Филипче реплицира-за какви мерки зборува премиерот кога повторно очекува покачување на дизелот. Граѓаните треба да ги почувствуваат ефектите, но цените на продуктите растат и тешко дека ќе се вратат на старо ниво.
Додека Филипче критикува, според последните анкети со најголем рејтинг меѓу граѓаните е Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот вели, работиме за поквалитетен живот на граѓаните и фокусирани сме на реформите.
Сепак, Филипче е со свое гледање на состојбите. Смета дека владината коалиција се распаѓа, алудирајќи на движењето ЗНАМ, за чии членови вели, отворени се вратите на СДСМ. Не открива детали со кого се разговара за зголемување на пратеничката група на СДСМ во Собранието.
СДСМ ја промовираше програмата за развој на државата, од Владата пак предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели стигнуваат позитивни вести од Брисел во делот на реформите кои скоро ќе бидат објавени.
Миле А. Ристески
