Ранохристијанската базилика кај Радолишта меѓу најзначајните во земјава

16.09.2014 10:46

Природно научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга и оваа година работи на нови проекти и истражувања заедно со Министерството за култура. Ранохристијанската базилика во струшко Радолишта веќе подолг период не беше истражувана, а претставува исклучително важно наоѓалиште од доцниот 5-ти век...

Базиликата во Радолишта во науката е позната по мозаиците кои имаат исклучителна вредност, т.е. иконографијата на претставените мотиви и композиции каде се вбројува меѓу најзначајните и најрепрезентативните во нашата земја.

Започнаа ископувањата на базиликата во цело Радолишта, Струга. Станува збор за ранохристијанска базилика која датир од 5-тиот или 6-тиот век.  Она што е интересно е тоа што оваа базилика 40 години не е истражувана. Последен пат на оваа базилика се работело во 1976, 1978 и 1981 година.

Ископувањата се од големо значење бидејќи со нив ќе се утврди и точноста за постоењето на оваа базилика. Истражувањето треба да открие повеќе детали.

Тоа е еден ранохристијански гроб кое своевремено кога се работело во 70-тите години откриена е и една надгробна плоча, а каде се спомнува презвитер Георгија и со точно датирање на индиктот и тоа е многу интересно бидејќи тоа е можеби едно од најраните појави на индикционо датирање на времето односно епохата, така да тоа е исклучително важно да ја пронајдеме таа плоча, бидејќи веруваме дека таа е потворно вратена на своето првобитно место, вели директорот на струшкиот музеј, Сашо Цветковски.

Иако поминал подолг временски период сепак базиликата е во одлична состојба велат конзерваторите. Во наредниот период ќе се прават дополнителни анализи.

Сега треба да направиме неколку пресеци на подлогата да видиме во каква состојба се наоѓа варовиот, односно хидростатниот малтер. Да видиме за колкава дебелина станува збор и со сите тие анализи и истражувања и резултатите од тие анализи да ни послужат за натамошниот дел на проектот, кој треба да се изведува наредната година, но се зависи од средствата кои ќе бидат доделени, вели Томе Филов, конзерватор на мозаик.

Природно научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга работи на овие проекти заедно со Министерството за култура бидејќи oвие мозаици се дел од сите позначајни светски публикации кои го промовираат и го проучуваат периодот на раното христијанство.


Јованчо Наумоски