Младите во Охрид ќе добијат Младински културен центар
До крајот на идната година младите охриѓани конечно ќе добијат свое катче, толку посакуваниот Младински културен центар. За таа цел ќе се реконструира мензата во поранешната касарна, каде што ќе никне мултифункционална сала, чија изградба беше дел од стратегијата за млади на Општина Охрид.

Руинираната менза на некогашната касарна во Охрид до крајот на 2027-ма ќе се реконструира и ќе се пренамени во модерен Младински културен центар. Просторот зафаќа околу илјада метри квадратни што ќе придонесе да се задоволат основните потреби на младите кои тука ќе можат да организираат општински, национални и интернационални настани.
„Сала којашто ќе биде мултифункционална, каде што ќе може да се одржуваат концерти, театарски претстави, изложби, саеми. Значи се она што на Охрид во изминатиов период му беше потребно, би требало таа нова институција „Младински културен центар“, кога ќе се заврши таа постапка да овозможи не само за граѓаните на Охрид, туку и како туристичка понуда во делот на културата“, изјави Јоне Станкоски-Сектор за јавни работи, општина Охрид.
Веќе е распишан конкурс за идејно решение за објектот, а целосната документација треба да биде подготвена пред крајот на годинава.
„Сакаме да се претставуваме како град на културата, со големо културно наследство, но сепак ни недостигаат некакви простори каде што можат младите да се изразуваат, но исто така и да се надоградуваат. Во Охрид досега сме немале затворена концертна сала, каде што можат да се направат концерти на затворено“, рече Јован Цветкоски- Младински центар Охрид.
Просторот околу објектот ќе биде преуреден во летна сцена, каде што во иднина ќе можат да се одржуваат поголеми манифестации.
Сашо Нелоски
