Велешани ќе играат шах на отворено

16.09.2014 10:58

По прилепчани, и велешани веќе можат своите шаховски вештини да ги презентираат пред поширока публика. Исцртана е шаховска табла со големи фигури на местото каде што порано постоел клубот „Единство“ кој бил расадник на млади шахисти. Дали ова е најава за враќање на овој благороден спорт на поранешните врвни позиции?

Се размрдаа големите шаховски фигури на црно – белата табла во Паркот на пријателството во Велес. Мартинов и Чадиев во првата одиграна партија заврши со реми, но за некогашните страсни шахисти оваа е почеток за враќање на најтофејниот спорт во градот.

„Ние во Велес имавме најдобри младински машки и женски табли. Прваци на Македонија имавме во млади, во македонскта лига нашиот клуб секогаш беше од 3-то до 5-то место“, рече Лефко Мартинов, шахист.

Велес, без шаховски клуб остана откако „Единство“ го загуби просторот во кој шеесет години се повлекуваа црно белите фигури. Исцртувањето на шаховска табла на само неколку метри од местото кое беше расадник на многу успешни шахисти е потик за обновување  на некогаш најброен спортски клуб.

„Ние сакаме со ова да испратиме една порака дека во Велес повторно ќе има шаховски клуб“,  рече Славчо Чадиев.

Поради различната перцепција на таблата и фигурите, одигрувањето на партија шах  е интересена сама по себе и за играчите и за минувачите. Во светот играта на отворено се практикува одамна,  во Македонија е реткост.

Освен во Велес, шах на отворено може да се игра уште и во Прилеп.

 

Дијана Иванова