Двојно поголем бројот на кривични дела од малолетници
Раст на бројот на кривични дела од малолетници во Куманово. Дури двојно е поголем бројот на кражби и насилство за една година. Стручните лица советуваат неопходна е координација на службите, училиштата, родителите, центрите па дури и органите на правда.

Двојно зголемена малолетничка деликвенција во Куманово, покажува статистиката на кумановската полиција. Малолетници се повеќе вклучени во кривични дела од имотен криминал, кражби, но и во насилство.
Во повеќето случаи се јавуваат како извршители, во група со полнолетни лица, но и сами. Полицијата до Основното јавно обвинителство поднела 45 кривични пријави.
„Повикани се 160 деца во врска со кривично дело, 24 се повикани во врска со прекршок од областа на законот за ЈРМ, задржани малолетни деца се 22, лишени малолетни деца се 23. Во полициската станица Куманово извршен е службен разговор со малолетни лица во 168 случаи. Регистрирани малолетни лица како сторители на кривично дело во текот на 2025 година се вкупно 80, во 2024 година биле 24“, информира Томислав Додевски, командир ПС од Општа надлежност Куманово.
Стручните лица со укажувања проблемот е резултат на влијанието на социјалните мрежи, губењето на авторитетот, вредностите дома но и на училиште. Примерите на неказнивост, но и не опфаќањето во законите, придонесуваат младите да ја насочат енергијата на улица, наместо на спортски активности. Апелираат да се работи на превенција а не на казнување.
„Младите од кршачи на одредени закони или правни норми, можат да почнат да се занимаваат и со организиран криминал. Родителите ако не можат да направат чекори во координација со класните раководители, училиштата, кои не се само центри за давање едукација и таа соработка родители- училишта, самата локална заедница со создавање младински центри, спортски центри може да придонесе да имаме корисни млади членови на заедницата“, нагласи Анита Младеновска, м-р по малолетничка деликвенција.
Ненавремената реакција потенцираат, може да ја продлабочи агресијата.
Елена Георгиевска
