Обвинителство: Нема застој во предметите, промените на обвинители не влијаат на постапките
Јавното обвинителство уверува дека сите тековни предмети, вклучително и оние поврзани со трагедијата во „Пулс“, се водат без одолговлекување и апелира на одговорно информирање за да се избегне вознемирување на јавноста и семејствата на жртвите.

По последните одлуки на Советот на јавни обвинители за избор на обвинители во ОЈОГОКК, Јавното обвинителство соопшти дека се преземени сите неопходни чекори за непречено и ефикасно водење на постапките. Оттаму нагласуваат дека ниту еден започнат процес нема да биде одложен, а во судниците секогаш ќе има обвинител подготвен да го застапува предметот.
Од Обвинителството потенцираат дека евентуалната промена на јавен обвинител не влијае врз текот на постапките, бидејќи судењата продолжуваат таму каде што застанале, без потреба од повторување.
Воедно, институцијата апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање, особено за предметите поврзани со трагедијата во „Пулс“, посочувајќи дека шпекулациите и невистините дополнително ги вознемируваат семејствата на жртвите и јавноста.
Се упатува и повик до новинарските и професионалните организации за почитување на етичките стандарди при известувањето, како и до сите јавни личности да покажат одмереност во настапите, со цел да не се предизвикува дополнителна вознемиреност.
Јавното обвинителство уверува дека ќе продолжи да постапува законито и ефикасно, со цел да обезбеди правда без непотребни одолговлекувања.
