Економија

УЈП со засилени контроли, над 6.400 фирми без фискални апарати под лупа

29.03.2026 11:50

Управата за јавни приходи започнува засилени контроли врз илјадници субјекти кои работат со готовина без регистриран фискален систем, најавувајќи санкции и кривични постапки за непочитување на законските обврски.

Управата за јавни приходи (УЈП) започнува засилени активности за сузбивање на сивата економија, насочени кон субјекти кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем.

Според податоците на УЈП, 6.451 активен даночен обврзник со вработени во дејности како трговија, угостителство, сметководство и туризам немаат фискални апарати, иако работат со готовински плаќања. Од нив, 3.115 се и ДДВ-обврзници.

Контролите во првата фаза ќе бидат насочени кон овие субјекти, со цел нивно итно усогласување со законските обврски. Дополнително, идентификувани се уште 13.966 субјекти без фискални уреди, за кои ќе следуваат проверки за евентуално непријавување промет и неплаќање даноци.

Од УЈП предупредуваат дека за прекршителите, покрај глоби, ќе бидат покренати и кривични постапки, како и мерки за запечатување на објекти.

Институцијата апелира до сите даночни обврзници кои работат со готовина, а немаат фискални апарати, веднаш да се усогласат со законските обврски, нагласувајќи дека борбата против сивата економија останува приоритет.