Милиони на улица против Трамп
Протести против политиките на американскиот претседател и војната во Иран. Организаторите со став-Трамп сака да владее како тиранин, но ова е Америка – моќта е кај народот.

Америка повторно излезе на улица, протести против политиките на Доналд Трамп и војната во Иран. Трет бран на движењето „Без кралеви“ кое веќе собра милиони луѓе. Илјадници граѓани рамо до рамо против, како што велат, агресивното спроведување на имиграциските закони. Епицентарот e Минесота.
„Минесота му покажа на американскиот народ и на светот што значи демократија. Што значи граѓански отпор и борба за слобода и правда. Во еден тежок момент за Америка, овие луѓе покажаа храброст и солидарност“, изјави сенаторот Берни Сандерс.
„Кога луѓето ме прашуваат како знам дека ќе победиме – имам еден одговор: Минесота. Кога ме прашуваат како знам дека љубовта е посилна од омразата – повторно велам: Минесота“, рече Џејн Фонда, актерка и активистка.
Организаторите велат – Трамп сака да владее како тиранин. Но ова е Америка – моќта е кај народот, не кај оние што сакаат да станат кралеви. Инаку, протестите не беа изолирани. Од Њујорк, преку Вашингтон, до Лос Анџелес – речиси секој поголем град со иста порака: доволно е. Протести се одржаа и во Европа.
„Мислам дека треба да се обединиме. Една од добрите работи во врска со ова е што ова движење не е партиско-политичко. Тоа се луѓе од целиот свет, од различни делови на светот и оние луѓе кои велат дека не се чувствуваат слушнати, ниту јас не се чувствувам слушнат“, вели Били Браг, пејач и текстописец.
Организаторите тврдат – претходните два протестни брана собрале над 12 милиони луѓе.
Од другата страна – остар одговор од Белата Куќа. Протестите ги нарекоа – „Терапија за анти-Трамп растројство“ и порачаа дека интерес за нив имаат само медиумите.
Катерина Топалова
