Бездомни, но среќни кучиња со безрезервна грижа
Бездомни се, но не по своја вина. Ваквите кучиња препуштени на својот инстинкт бараат трошка грижа од човекот и пресреќни се кога некој ќе ги нахрани и кога ќе им даде љубов. Дека тоа може да е реалност говори Наде која речиси секојдневно храни 8 кучиња, 50 гулаби и 12 мачки.

Напуштени, препуштени на инстинктот го чекаат првиот сончев зрак да ги погали и да ги затопли. Ама звукот на еден автомобил секој ден ги прави среќни, оти доаѓа нивната Наде. На овие некогаш нечии миленичиња, таа е нивното сè. Им носи храна, но многу повеќе љубов. Нејзините гушкања, галења за овие расни кучиња, поголеми од неа, значат живот за нив.
Нема поголем лек од играта на тревникот среде главниот град, после гозбата со парчиња месо и убаво приготвена храна. А Наде која од мали нозе им се посветува на животните, вели најубаво се чувствува кога ќе се најадат.
Негрижата за миленичињата и нивното напуштање треба да се санкционира, вели таа. Уште повеќе не треба да се толерира нивното малтретирање, не само од туѓинци туку и од нивните сопственици.
Оваа наша сограѓанка освен Каро, Шаро, Канги и уште пет шест други кучиња храни 50 гулаби и 12 мачки. Не може да остане рамнодушна, вели на нивниот глад и измачување. Апелира луѓето да вдомат некое бидејќи тоа не е само заемна љубов и среќа, туку и човечка грижа и одговорност.
Фиљана Кока
