Регион

Во Србија избори во десет општини и градови, тест за рејтингот на партиите и студентите

29.03.2026 17:52

Освен во Бор и Бајна Башта, опозицијата и студентите настапуваат различно, како резултат на половичниот успех околу нивното обединување во една изборна листа. Тоа се сметаше како главен предуслов за нивна можност за тесна победа на овие избори.

Денес во Србија се одржуваат локални избори во десет општини-во Бор, Лучани, Бајна Башта, Књажевац, Кула, Кладово, Севојно, Смедеревска Паланка Мајданпек и Аранѓеловац. Тие претставуваат тест за рејтингот меѓу владејачката СНС и опозицијата и студентите за можни вонредни парламентарни и претседателски избори.

На изборите СНС оди во коалиција со Социјалистите на Дачиќ и Радикалите на Шешељ. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека ќе биде задоволен само ако убедливо победи во сите десет локални самоуправи.

Освен во Бор и Бајна Башта, опозицијата и студентите настапуваат различно, како резултат на половичниот успех околу нивното обединување во една изборна листа. Тоа се сметаше како главен предуслов за нивна можност за тесна победа на овие избори.

Гласањето трае од 7 до 20 часот и досега се забележани неколку неправилности и инциденти.

„Имавме проблем на две гласачки места, во Гуча и Лучани, бидејќи опозицијата не дозволи да се постат паравани според законот. Затоа од Општинската изборна комисија интервениравме, ја повикавме полицијата која излезе на терен и гласачките места се отворени“, изјави Катарина Ковановиќ, претседател на изборна комисија во Лучани.

Пред седиштето на СНС во Бор дојде до расправија и тепачка меѓу тројца студенти и симпатизери на партијата по што трите лица побараа медицинска помош во болницата во Бор.

За значењето на изборите говорат бројните набљудувачи меѓу кои се четири американски републикански организации, како и делегација на Советот на Европа.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ