Евроинтеграции

Мицкоски: Нема уставни измени без јасни гаранции и заштита на идентитетот

29.03.2026 17:13

Владата нема да прифати уставни измени под услови што го засегаат македонскиот идентитет без јасен исход, изјави премиерот, нагласувајќи дека земјата нема да влезе во „авантура без крај“.

Владата нема да прифати уставни измени под услови кои, директно го засегаат македонскиот идентитет без јасна предвидливост и конечен исход на процесот – дециден премиерот Мицкоски во коментарот дека ЕУ бара уставни измени за впишување на Бугарите и без промена на преговарачката рамка.

Нема да влеземе во авантура без јасен крај, вели премиерот додавајќи дека се свесни за слонот во собата кој го донесе претходната власт.

Мицкоски посочи дека за одредени политики, источниот сосед чекал со децении да се родат политичари како претходните кој беа на власт седум години, нагласувајќи дека Македонија е подготвена да чека доколку условите не се јасни и праведни.

Во меѓувреме, ја завршуваме домашната преку реформската агенда, вели Мицкоски потенцирајќи дека очекува со јунскиот извештај за земјава да имаме најдобро испорачани резултати. Ако некој очекува дека ќе најде марионети се лаже, вели Мицкоски.

Од друга страна, прашан за тврдењата на лидерот на СДСМ Филипче дека се распаѓа владината коалиција со ЗНАМ, премиерот одговара-понекогаш неговите изјави не се за во политичката рубрика, туку во делот на хумор и сатира.

Миле А. Ристески