Над 6.400 фирми надвор од системот

Ригорозни мерки за фирмите без фискални

29.03.2026 18:26

Повеќе од 6.400 активни фирми работат без фискални апарати, а институциите најавуваат засилени контроли и санкции за непријавен промет. Целта е сузбивање на сивата економија и заштита на легалните бизниси, велат од УЈП.

Над 6.400 активни фирми работат без фискални апарати. Ригорозни контроли и санкции за бизнисите од трговијата, угостителството и услугите кои остваруваат готовински промет надвор од системот, најавија од Управата за јавни приходи.

Покрај парични глоби и пломбирање објекти, ќе има и кривични пријави за затајувачите на данок, додаваат од УЈП. Доколку се утврди дека субјектите вршат дејност, но не го пријавуваат прометот и не пресметуваат и плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат поведени и соодветни кривични постапки согласно законот.

Борбата за сузбивање на сивата економија останува еден од приоритетите, а контролите за фискализација имаат за цел зголемување на довербата во даночната администрација, создавање ред во економијата и заштита на легалниот бизнис, децидни се од Управата за јавни приходи.

Ана Јосифоска