Стабилна економија, но ризици од глобалната криза, соопштија од Народна банка
Советот на Народната банка на редовна седница ги разгледа најновите економски показатели и оцени дека макроекономската состојба во земјата засега е стабилна...

Советот на Народната банка на редовна седница ги разгледа најновите економски показатели и оцени дека макроекономската состојба во земјата засега е стабилна и во рамките на проекциите.
Инфлацијата од почетокот на 2026 година бележи намалување и во февруари изнесува 2,9 проценти, што е согласно очекувањата, со посилно забавување кај базичната инфлација. Сепак, поради воените случувања на Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето со енергенси, постои ризик од раст на увозните цени, особено на нафтата.
Домашната економија покажала отпорност во текот на 2025 година, со забрзан раст поддржан од инвестициите и извозот. Првичните податоци за 2026 година се ограничени, но укажуваат на послаба активност во индустријата и трговијата на почетокот од годината.
Девизните резерви се зголемуваат и остануваат на стабилно ниво, додека растот на депозитите и кредитите е солиден и нешто над очекувањата.
Од Народната банка велат дека внимателно ќе ги следат глобалните случувања и потенцијалните ризици, со цел да се зачува макроекономската стабилност.
