Пакистан ќе посредува во разговорите меѓу САД и Иран
Трамп потврди дека индиректните разговори преку Пакистан напредуваат добро, но одби да каже дали наскоро може да се постигне прекин на огнот...

По недели тивка дипломатија, Пакистан објави дека наскоро ќе биде домаќин на мировни разговори меѓу САД и Иран по средбите на регионалните сили во Исламабад за ставање крај на борбите на Блискиот Исток.
„Разговаравме за можните начини за брзо и трајно завршување на војната. Среќни сме што и Иран и САД изразија доверба во Пакистан за олеснување на разговорите“, изјави Ишак Дар, министер за надворешни работи на Пакистан.
Трамп потврди дека индиректните разговори преку Пакистан напредуваат добро, но одби да каже дали наскоро може да се постигне прекин на огнот. Тој исто така спомена дека би можел да преземе контрола над нафтените ресурси на Иран, вклучително и главниот центар за гориво на островот Харг.
„Се согласуваат со нас околу планот. Побаравме 15 работи, а за најголем дел тие се прифаќаат. Имаме многу добри состаноци, директно и индиректно, и мислам дека добиваме многу важни точки“, истакна Доналд Трамп, претседател на САД.
Коментарите на Трамп доаѓаат откако дополнителни 3.500 американски војници пристигнаа на Блискиот Исток. Техеран се закани дека ќе ги прошири одмаздничките напади како одговор на американско-израелските удари врз станбените домови на Иранците.
„Како одмаздничка акција, Иран ќе ги таргетираат резиденциите на командантите и политичките функционери на американскиот и ционистичкиот режим во регионот и на окупираните територии“, рече Ебрахим Золфагари, портпарол на Централниот штаб на Катам ал-Анбија.
Во меѓувреме, струјата е вратена во повеќето делови на Техеран, откако енергетската инфраструктура беше погодена во израелските напади, додека Израел соопшти дека пожарот во индустриска локација предизвикан од ирански напад е ставен под контрола.
