Се очекува поевтинување на бензините, се чека новата одлука на РКЕ
Граѓаните со нетрпение ја очекуваат денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која треба да ги соопшти новите цени за бензините и дизел-горивата, за кои се очекува да бидат пониски...

Во исчекување на новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, вниманието на јавноста е насочено кон можните промени на цените на горивата, за кои се најавува благо намалување.
Премиерот Христијан Мицкоски, како што изјави минатата недела, очекува во понеделник бензините да поевтинат за два денара, а дизелот евентуално да се зголеми за половина денар.
Во изјава за медиумите, Мицкоски рече дека мерката за намалување на ДДВ-то за горива го дава очекуваниот резултат.
„Многу внимателно ја следиме состојбата со цената на нафтата на светските берзи. Врз основа на нашите пресметки очекуваме во понеделник за околу два денари намалување на цената на бензините и иста цена или за половина денар повисока цена на дизелот така што намалувањето на ДДВ-то директно имплицира позитивен ефект“, рече Мицкоски за медиумите по настанот „Youth Vision 2030: Western Balkans, Stability & AI in Education“ што се одржува во Скопје.
Вели дека Владата ќе ја следи состојбата и следнава недела и доколку има потреба ќе биде продолжена мерката за уште две недели или евентуално ќе се оди со нова мерка со акцизите.
