БЛИСКИ ИСТОК

Пакистан ќе биде домаќин на мировни разговори за Блискиот Исток

30.03.2026 12:31

Дипломатски напори за ставање крај на војната на Блискиот Исток. Пакистан објави дека наскоро ќе биде домаќин на мировни разговори меѓу САД и Иран. На терен главните играчи-Израел, САД и Иран, ги удвојуваат своите позиции...

По недели тивка дипломатија, Пакистан објави дека наскоро ќе биде домаќин на мировни разговори меѓу САД и Иран по средбите на регионалните сили во Исламабад за ставање крај на борбите на Блискиот Исток.

„Разговаравме за можните начини за брзо и трајно завршување на војната. Среќни сме што и Иран и САД изразија доверба во Пакистан за олеснување на разговорите“, изјави Ишак Дар, министер за надворешни работи на Пакистан.

Додека регионалните лидери бараат дипломатски излез од војната, главните играчи – Израел, САД и Иран – ги удвојуваат своите позиции. Трамп ја покрена можноста за преземање на иранската нафта и заземање на главниот центар за гориво на островот Харг. Потврди дека преговорите напредуваат добро и дека Иран е речиси подготвен за договор, нагласувајќи дека им испратил нафта на САД како доказ за сериозноста.

„Гледам договор со Иран многу скоро. Се согласуваат со нас околу планот. Побаравме 15 работи, а за најголем дел тие се прифаќаат. Имаме многу добри состаноци, директно и индиректно, и мислам дека добиваме многу важни точки“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Техеран, пак, се закани со одговор ако распоредените илјадници американски трупи во регионот започнат копнена инвазија. Најавија одмазда за таргетирањето станбени домови на иранските цивили во различни градови.

„Како одмаздничка акција, Иран ќе ги таргетираат резиденциите на командантите и политичките функционери на американскиот и ционистичкиот режим во регионот и на окупираните територии“, изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на централниот штаб на Катам ал-Анбија.

Од друга страна, Израел најави проширување на безбедносниот појас во јужен Либан додека ги продолжува меѓусебните напади со Иран. За пресретнати ирански дронови јавуваат и дел од Заливските земји.

„Направивме големи достигнувања, видливи пукнатини во терористичкиот режим во Техеран. Иран не е истиот Иран, Хезболах не е истиот Хезболах, ниту пак, Хамас не е истиот Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во истовреме, економските последици од војната продолжуваат да влијаат врз цените на нафтата поради блокираниот Ормуски теснец. Светските економии веќе чувствуваат удар, а експертите предупредуваат дека по Азија, на удар се САД и Европа.

 

Бојана Крстевски