Србија

Вучиќ прогласи победа на вчерашните локални избори

30.03.2026 14:24

Вучиќ прогласи победа, студентите најавија судски постапки поради бројни инциденти на вчерашните локални избори во 10 општини во Србија...

Тесна победа на владејачката СНС на вчерашните локални избори во десет градови и општини кои беа проследени со повеќе инциденти, насилство и неправилности.

Избори се одржаа за локалните самоуправи на Бор, Аранѓеловац, Бајина Башта, Кладово, Књажевац, Кула, Лучани, Мајданпек, Смедеревска Паланка и Севојно.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа објави дека СНС победила во сите 10 општини според прелиминарните резултати.

„Се надевам дека после овој ден одредени луѓе ќе ја прекинат хајката на оние кои поинаку мислат, дека денес едвај избегнавме огромно зло, некои посегнаа по пиштоли, медиумите упаѓаа во кол центрите. Ние ќе подадеме рака на сите луѓе во Србија да се обидеме да се обединиме, оти не лесни времиња се пред нас“, изјави Александар Вучиќ.

Студентите во блокадата најавија дека судски постапки поради изборните нерегуларности, за босанските автобуси, бугарски возови и други притисоци и повикаа на одговорност за инцидентите и физичките напади врз граѓаните.

„Локалот се буди и има сè повеќе луѓе кои не се согласуваат со стравот и неправдата. Промената започна и не може да се запре. Србија не може да се смири. До победата!“, порачаа студентите во блокада, кои станаа втора политичка сила пред опозиционите партии.

Според медиумите, на овие избори претседателот Вучиќ и СНС требаа да покажат дека имаат поддршка од граѓаните по големата социо-политичка криза, додека опозицијата и студентите требаа да покажат дека бунтот не стивнал и дека граѓаните сакаат промени.

Според Изборната комисија, резултатите од изборите ќе бидат објавени четири дена по нивното завршување. Забележана е голема излезеност во зависност од општините, меѓу 67 и 77 отсто.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ