Одбојка

Фантастична одбојкарска вечер

16.09.2014 11:54

Третиот чин го отвораат четири од шесте гарнитури, кои напредуваат на долгиот мундијалски пат. Десетти пат на вжештената натпреварувачка сцена ќе истрчаат Полска, Бразил, Франција и Германија...

Одбојкарската  драма во Полска денеска продолжува. Третиот чин го отвораат четири од шесте гарнитури, кои напредуваат на долгиот мундијалски пат. Десетти пат на вжештената натпреварувачка сцена ќе истрчаат Полска, Бразил, Франција и Германија. „Атлас Арената“ во Лоѓ одново ќе биде театарот на големите полски желби. Домаќинот на  првенството го има пред себе Бразил. Тоа е ќе е најтешкиот тест за полските одбојкари во обидот да се вратат во светскиот врв, онаму каде што беа во славните за нив 70-ти со обединета светска и олимписка титула. Тоа беше времето на одбојкарските полски херои Војтович, Рибачевски, Гавловски... предводени од харизматичниот тренер Хуберт Вагнер.
 
Тоа што беше Полска пред четири децении, денеска е Бразил со уште поизразени дострели. Бразил испишува ново поглавје  од фантастичната одбојкарска приказна започната уште од 2002-та година.Три последователни златни медали...во Полска го коваат и четрвтиот! Полска против Бразил, некогашниот против сегашниот шампион, осми пат ќе се најдат вечер на магичниот мундијалски правоаголник . Успешноста во досегашните седум  меѓусебни дуели е периодично поделена. Полска во „своето“ мундијалско време славеше на првите три мечеви, а Бразил на последните четири. Последниот голем дуел го имаа во финалето на светското првенство во 2006-та, во кое Бразил ја победи Полска со 3:0. Вечер во „Кариоките“ ги очекува пеколен амбиент и  амбициозниот и максимално мотивиран домашен состав.
 
Во длабока сенка на претставата во Лоѓ е дуелот од „Г“ групата во Катовице меѓу Франција и Германија. Неоправдано! Причината е истиот термин за одигрување, од причини неразбирливи за спортската јавност! Но, дуел на две силни селекции кои стигнаа многу далеку и сега ја бараат шансата за влез во битката за медал. Французите го негуваат сјајот на бронзениот медал освоен пред 12 години. Германија ,која  го обезбеди шестото место и го повторува дострелот од последното светско првенство, има желба за  чекор подалеку! „Триколорите“ блескаат, досега имаа тежок,но успешен пат. Одамна не играле против Германија на светските првенства, но четирите соочувања во оваа година во рамките на Светската лига се за нив мотивирачки.
 
Три победи на Франција, една извојуваа Германците. Тоа е само статистика, на која ќе се заборави кога двата состава ќе се најдат од двете страни на мрежата на испиративниот терен во Катовице.
Следи нова фантастична одбојкарска вечер на Мундијалот за паметење!
 
20.25 Лоѓ: Полска-Бразил – МРТ пренос
 
20.25 Катовице: Гранција-Германија