Бензините поевтинуваат до 3 денари, РКЕ намали дел од трошоците во пресметката
Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите цени на горивата – бензините поевтинуваат, дизелот останува непроменет, а екстра лесното поскапува. Намален е и вкупниот надоместок по литар, со цел заштита на потрошувачите во услови на нестабилни светски цени.

Бензините поевтинуваат за 2,5 до 3 денари за литар, дизелот со иста цена, екстра лесното поскапува, мазутот со пониска цени. Регулаторна ги објави новите цени на горивата, но намали и дел од трошоците што влегуваат во конечната пресметка. Вкупниот надоместок се намалува од 8,20 на 7,70 денари по литар. Клучната промена е кај трошоците за работење преку склад.
„Потребата од оваа измена произлегува од актуелните случувања на светските берзи на цени на нафта и нафтени деривати и нивното влијание на домашниот пазар со нафта и нафтени деривати, а со цел да се обезбеди заштита на потрошувачите, како и сигурност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата“, соопштуваат од РКЕ.
Суровата нафта на стартот на неделава повторно се искачи на над 115 долари за барел. Состојбата постојано се менува зависно од геополитичките случувања. Од почетокот на кризата, цените на горивата во Македонија се зголемени за околу 10 до 20 денари по литар. Експертите советуваат штедење и отворање на државните резерви.
МОЖНОСТ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА АКЦИЗАТА
Повисоките цени на нафтата веќе се прелеваат и врз цените на, транспортот и храната, што е дополнителен притисок врз инфлацијата. Владата најави можност и за намалување на акцизата, како и други мерки во случај на поголемо поскапување.
Во 2024 година најмногу е увезено дизел гориво, односно 67,66% од вкупниот увоз, потоа следуваат моторните бензини со 13,29%, млазното гориво со 7,58%. Значителен е порастот во увозот на млазното гориво од 32,75%, споредено со 2023 година, исто така и кај бензините има зголемување на увезените количества во 2024 година за 8,63% и увозот на дизел горивата во 2024 година е зголемен за 0,54% споредено со претходната година.-графика
Во текот на 2024 година, трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, го вршеле увозот на нафтените деривати во Македонија од 11 држави, а најмногу од соседните држави, и тоа Грција 85,98%, Бугарија 10,49%, Албанија 2,27%, Србија 0,96%.
Извозот на нафтените деривати во 2024 година изнесувал 330.673 тони, и истиот во однос на 2023 година (346.463 тони) е намален за 4,56%.
Александра Велинова
