Македонија

Обвинителството бара психијатриско вештачење на осомничениот за убиство во Росоман

30.03.2026 17:55

Рано утрово во Росоман, син со нож ја убил мајка си, додека таткото и сопруг бил отсутен, бил на работа. Обвинителството бара психијатриско вештачење на осомничениот, телото на починатата е предадено на обдукција. Мештаните на Росоман затечени од убиството, не слушнале викотници и караници утрово.

Кавадаречката полиција му поднесе кривична пријава за убиство на Игор, кој со нож ѝ го одзел животот на мајка му Сијка од кавадаречкото село Росоман. Настанот се случил утрово, кога таткото и сопруг бил на работа, а двајцата биле дома сами на горниот кат со семејната куќа на улица „Пере Тошев“ бр. 52.

Лицето кое се сомничи дека го сторило убиството е на сослушување во ОЈО Кавадарци. Обвинител побарал обдукција на починатата Сијка, а за Игор психијатриско вештачење. Соседите, мештаните не знаеле за настанот сè додека полицијата не стигнала за увид. Не слушнале карање, викотници, барање за помош.

Во август 2023-та година, таткото на Игор пријавил дека синот ги нападнал него и сопругата, агресивно се однесувал, кршел предмети. По интервенција на полицијата, момчето било пренесено во кавадаречката болница, а следниот ден по нивно барање бил упатен на лекување во Психијатриска болница-Негорци. Во меѓувреме, таткото ја повлекол изјавата за семејно насилство извршено од синот.

Петар Печков