Кривичен суд

Јовановски на обвинителна клупа, почна судењето за трагедијата во Тафталиџе

30.03.2026 17:43

Стојанче Јовановски седна на обвинителна клупа, обвинет дека преку семејно насилство ја навел сопругата Ивана да се самоубие со нивната ќерка. Со години живееше во страв, низ какви патешествија поминувала, сведочеше нејзината мајка.

Стојанче Јовановски седна на обвинителна клупа. Со наведната глава и солзи во очите, призна вина дека ја тепал сопругата Ивана, но негираше дека ја навел на самоубиство, кога на 2-ри март, жената со шестгодишната ќерка скокна од шестиот кат на зградата каде што живеела.

Судот не го уважи признанието на вина, бидејќи било дадено под присила откако обвинетиот рече дека сведокот Мартин Саздов му се заканил така да се произнесе. Тој во судот кажа дека Ивана го изневерувала со Саздов, и оти тој ја навел на самоубиство. Ова, според обвинителката е манипулација за да се избегне кривична одговорност. Таа вели – има доволно докази против Јовановски.

„Мартин Саздов е предложен како сведок, денешната одбрана ја гледам како манипулација во насока да се избегне некоја кривична одговорност, но оставам доказите да зборуваат сами за себе. Немало никаков сомнеж, и мајката на Ивана за односот којшто го имал со жртвите, јас немам никаква дилема, освен обвинетиот што може да се брани на каков начин сака во оваа постапка“, изјави Адела Бојчевиќ – обвинителка.

Кривично дело за наведување и помагање самоубиство во нашиот правосуден систем се води за првпат. Адвокатката на оштетените очекува обвинението да биде прифатено во целост.

„Во другите држави не е толку чудно жртви на континуирано семејно насилство кои се самоубиле сторителите, нивните интимни партнери да бидат гонети и осудени за овие кривични дела. Очекуваме во целост да биде прифатено обвинението како оштетени заради тоа што во поширока смисла, самоубиство поради семејно насилство се смета за фемицид“, вели Неда Чаловска – адвокат.

Сведочеше и мајката на Ивана, која била сведок на насилството кое го вршел Стојанче врз нејзината ќерка. Ивана не признавала дека ја физички ја малтретира, иако имала видливи модринки по телото, а и шестгодишната Катја го опишувала насилството во домот.

Имало и случај кога Стојанче ги оставил Ивана и Катја на автопат во еден часот по полноќ, бидејќи сопругата го згрешила патот. И соседите биле сведоци на насилството кое жената континуитет го трпела.

Според обвинението, на кобниот ден, Јовановски повеќепати на различни локации низ Скопје физички ја нападнал Ивана, ѝ се заканувал со убиство, по што таа си го одзела и нејзиниот, и животот на нејзината ќерка.

Андријана Ѓурчевска