Будимпешта

Средба Мицкоски-Орбан, во фокус економската соработка

30.03.2026 18:14

Продлабочување на економските односи, нови инвестиции и зајакнување на партнерството – во фокусот на средбата на премиерите на Македонија и Унгарија. На бизнис форумот истакната и улогата на авиолинијата Скопје – Будимпешта.

Унгарија останува искрен и докажан партнер на Македонија, заедничките вредности, меѓусебната почит и силната соработка се темел на стратешкото партнерство. Во Будимпешта средба на премиерите Мицкоски и Орбан. Во фокусот, продлабочувањето на економската соработка, нови инвестиции и проекти што ќе донесат придобивки за граѓаните на двете земји.

Мицкоски и Орбан заклучиле оти во време на предизвици, силните пријателства и јасната визија се клучни за стабилност и развој, а според Мицкоски, Македонија продолжува напред со достоинство, со реформи и со поддршка од вистинските пријатели.

На Македонско-унгарскиот бизнис форум, пак, се бараше начин за продлабочување на економската соработка, за што голема улога треба да одигра обновената авиолинија Скопје-Будимпешта.

Мицкоски рече дека врвни приоритети за владата се реформската агенда, владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. За европскиот пат, повика напредокот да се вреднува според европските стандарди.

На бизнис форумот се претставија десетици македонски компании кои директно се вмрежуваат со унгарската бизнис – заедница.

Викторија Милевска