Иран

САД се закануваат со уништување на постројки

31.03.2026 09:26

САД повторно се закануваат дека ќе ги уништат енергетските постројки на Иран ако не се постигне договор и не се отвори Ормускиот теснец. Трамп тврди дека Вашингтон преговара со претседателот на иранскиот парламент и дека во рок од една недела ќе се знае дали двете страни можат да соработуваат.

Во ек на дипломатски напори за ставање крај на војната на Блискиот Исток, САД повторно се закануваат дека ќе ги уништат енергетските постројки на Иран ако не се постигне договор и не се отвори Ормускиот теснец. Трамп тврди дека Вашингтон преговара со претседателот на иранскиот парламент и дека во рок од една недела ќе се знае дали двете страни можат да соработуваат. Од Белата куќа велат-иранските претставници „изгледаат поразумни зад сцената“.

„Претседателот во овој момент јасно му стави до знаење на иранскиот режим дека нивниот најдобар потег е да постигнат договор, или вооружените сили на САД имаат капацитети што ги надминуваат нивните најлуди имагинации, а претседателот не се плаши да ги искористи“, изјави Каролин Левит – портпаролка на Белата куќа.

Понудата на САД од 15 точки е збир на прекумерни, нереални и ирационални барања-велат од Техеран. Секоја одлука за крај на војната ќе дојде само ако тоа е во интерес на Иран.

„Секаков вид донесување одлуки за завршување на војната ќе биде само во насока на сите предложени услови во рамките на обезбедувањето на достоинството, безбедноста и интересите на големата нација Иран“, изјави Масуд Пезешкијан – претседател на Иран.

Во меѓувреме, продолжуваат нападите меѓу Израел и Иран. Техеран повторно остана привремено без струја, додека кувајтски танкер во пристаништето во Дубаи беше погоден од ирански дронови. Лидерите на Саудиска Арабија, Катар и Јордан се состанаа во Џеда за координирање регионален одговор.