Техеран тврди дека не води директни преговори со Вашингтон
И покрај дипломатските напори за ставање крај на војната на Блискиот Исток, САД повторно се закануваат со уништување на енергетските постројки на Иран. Трамп изјави дека Вашингтон преговара со претседателот на иранскиот парламент и дека во рок од една недела ќе се знае дали двете страни можат да соработуваат. Техеран негира отфрлајќи ја американската мировна понуда од 15 точки како прекумерна и ирационална. Борбите продолжуваат...

Во ек на дипломатски напори за ставање крај на војната на Блискиот Исток, САД повторно се закануваат дека ќе ги уништат енергетските постројки на Иран ако не се постигне договор и не се отвори Ормускиот теснец. Трамп изјави дека Вашингтон преговара со претседателот на иранскиот парламент и дека во рок од една недела ќе се знае дали двете страни можат да соработуваат. Од Белата куќа тврдат-иранските претставници „изгледаат многу поразумни зад сцената“.
„Претседателот во овој момент јасно му стави до знаење на иранскиот режим, дека нивниот најдобар потег е да постигнат договор, или вооружените сили на САД имаат капацитети што ги надминуваат нивните најлуди имагинации, а претседателот не се плаши да ги искористи“, изјави Каролин Левит, портпаролка на Белата куќа.
Техеран тврди дека не води директни преговори со Вашингтон отфрлајќи ја американската мировна понуда од 15 точки како прекумерна и ирационална. Секоја одлука за завршување на војната ќе биде донесено само во согласност со ставовите на раководството и националните интереси на Иран.
„Материјалите што ни беа доставени како што е планот од 15 точки, содржат збир од претерани, нереални и неразумни барања. Состанокот што го одржа Пакистан со соседните земји е рамка што тие самите ја воспоставија. Ние не учествувавме во неа“, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Есмаил Багаеи.
„Секаков вид донесување одлуки за завршување на војната ќе биде само во насока на обезбедување достоинство, безбедност и интереси на Иран“, истакна иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан.
Иранскиот парламент разгледува нацрт-закон за патарини за премин низ Ормускиот теснец и ограничување на бродови за земји што имаат санкции против Иран. САД уверуваат дека теснецот ќе остане отворен на еден или на друг начин.
„Иранците се закануваат дека ќе воспостават постојан систем во Ормускиот теснец каде што ќе одлучуваат кој ќе минува низ меѓународните води. Тоа никогаш нема да дозволиме да се случи“, порача Марко Рубио, државен секретар на САД.
Борбите продолжуваат. САД жестоко удрија врз Исфахан, Израел врз Техеран. Продолжуваат и нападите против Хезболах во Либан. Тел Авив јавува за загинати војници додека Нетанјаху тврди дека се на половина пат до постигнување на целите на војната.
„Дефинитивно сме изминале половина пат. Сепак, не сакам да давам временски рок. Мислам дека овој режим ќе се сруши одвнатре. Она што го правиме сега е едноставно поткопување на нивниот воен, балистички и нуклеарен капацитет, ослабувајќи ги одвнатре“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Кувајтски танкер во пристаништето во Дубаи беше погоден од ирански дронови. Лидерите на Саудиска Арабија, Катар и Јордан повторно се состанаа во Џеда за координирање регионален одговор на иранските напади.
Бојана Крстевски
