Делегација од ЕУ на годишнина од масакарот во Буча
Украина се сеќава на злосторствата во Буча. На одбележувањето на четиригодишнината, ЕУ со силна поддршка за Киев и порака дека ќе има одговорност. Русија и натаму ги отфрла обвинувањата и тврди дека настаните во Буча биле инсценирани.

Министрите за надворешни работи од земјите-членки на Европската унија оддадоа почит на жртвите од руските напади во Буча. На 4-годишнината од масакрот, шефицата на европската дипломатија нагласи дека завршувањето на војната во Украина бара отстапки од Русија и координиран притисок од САД и Европа.
„Ќе продолжиме да даваме воена, финансиска, енергетска и хуманитарна поддршка. И ќе сториме сè што можеме за да обезбедиме целосна одговорност за злосторствата на Русија“, наведе Каја Калас на социјалната мрежа „Х“.
Силното европско присуство испраќа порака дека правдата за „руските злосторства мора да биде остварена“-став на украинскиот министер за надворешни работи.
„Целосната одговорност за руските злосторства е од витално значење за обнова на правдата во Европа“, напиша Сибиха на социјалните мрежи.
Трупите под команда на Кремљ ја окупираа Буча во раните денови од инвазијата. Киев тврди биле убиени над 400 луѓе, вклучувајќи и 37 деца. Руските власти ги отфрлаат таквите обвинувања, тврдејќи дека настаните во Буча се инсценирани. Украинскиот град се сеќава на жртвите.
„Од една страна-четири години голема инвазија, солзи, смртни случаи, но од друга страна, четири години стоиме и сè уште имаме надеж. Гледаме со доверба во иднината и сето тоа благодарение на нашите вооружени сили, на помошта на многу луѓе, и во Украина и надвор од Украина. Многу е важно да се сетиме на оние луѓе што ги изгубивме“, изјави Андриј Холовин – свештеник од Буча.
„Навистина сакам луѓето да се сетат што се случило овде, за да не се случи никогаш повеќе никаде. Кога деца, цивили, се убиваат без причина, едноставно затоа што живееме овде.“, изјави Јулија Блаходатна – жителка на Буча, вдовица.
На фронтот-продолжуваат борбите и Киев и Москва јавуваат за пресретнати дронови и повредени цивили.
Катерина Бојаџиева
