Поповски со „Амадеус“ гостува во МНТ
Македонскиот народен театар утре ќе биде домаќин на гостувањето на Словенечкото народно гледалиште од Марибор со претставата „Амадеус“ од Питер Шафер, во режија на Александар Поповски.

На сцената на Македонскиот народен театар утре, во рамки на одбележувањето 81 година од неговото постоење, ќе гостува Словенечкото народно гледалиште од Марибор со претставата „Амадеус“ од британскиот драматург Питер Шафер, во режија на македонскиот режисер Александар Поповски, кој е и уметнички директор на мариборската Драма.
Станува збор за псевдобиографска комична драма инспирирана од животот и ривалството меѓу композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери. Делото, првпат изведено во 1979 година, стекна светска популарност и преку истоимениот филм на Милош Форман од 1984 година.
Во претставата настапуваат Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека изборот на гостински продукции е насочен кон силни авторски имиња и актуелни регионални остварувања, со цел отворање на театарот кон различни естетики и сценски изрази. Според него, ваквите гостувања се значајни за позиционирањето на МНТ во современиот европски театарски контекст.
Режисерот Поповски нагласува дека во фокусот на „Амадеус“ е врската меѓу уметноста и инспирацијата, при што музиката ја гледа како највозвишена форма на израз, способна да отвора нови светови.
Од Словенечкото народно гледалиште Марибор информираат дека ова е прво гостување во МНТ по повеќе од две децении, при што најавуваат и идна соработка меѓу двете институции.
Во рамки на роденденската програма на МНТ, на 3 април ќе биде изведена монодрамата „Безгрешна“, а на 4 април претставата „Другата страна“, со што ќе се заокружи неколкудневната театарска програма со регионални продукции.
