Стартува ловот на Реал Мадрид!
Девет некогашни европски шампиони ќе бидат дел од гламурозната и богата лига во којашто втора сезона победата ќе носи милион, а нерешеното петсотини илјади евра...

Време е за вистинскиот фудбал. Лигата на шампионите е најквалитетното, најпопуларното, најатрактивното и најгледаното меѓународно клупско фудбалско натпреварување во светот. 60-то елитно издание или 23-то како Лига на шампионите, ќе стартува со неколку новини. Назјначајната е финанскиот фер плеј којшто УЕФА најави дека ревносно ќе го спроведува. Клубовите не смеат да бидат во минус повеќе од десет милиони евра вклучувајќи ги последните две сезони, инаку ќе бидат дисквалификувани или парично казнети или нема да им бидат дозволени трансфери. За да не се случи мечот за трофејот на 6 јуни во Берлин да биде осиромашен за некоја голема ѕвезда, картоните по четвртфиналето ќе се бришат, а судиите нема да имаат проблеми со живиот ѕид затоа првпат во ова натпреварување ќе го користат специјалниот спреј.
Девет некогашни европски шампиони ќе бидат дел од гламурозната и богата лига во којашто втора сезона победата ќе носи милион, а нерешеното петсотини илјади евра.
Рекордерот со десет трофеи Реал Мадрид ќе се обиде да биде првиот што во овој формат ја одбранил титулата, последен пат тоа му успеа на Милан пред 24 години во стариот Куп на шампионите.
Македонскиот фудбал ќе го преставуваат репрезентативецот Агим Ибраими кој со Марибор ќе игра во Групата Г и тоа во првото коло утре на „Људски врт’“ против Спортинг и Горан Пандев кој со Галатасарај ќе се обиде да биде меѓу двете најдобри екипи во конкуренцијата Д. Второрангираниот турски тим вечерва ќе му биде домаќин на Андерлехт. Во истата група во Дортмунд, трета сезона по ред, ќе се се соочат Борусија - Арсенал.
Во сегментот А, во стандардниот термин 20 часот и 45 минути, вечерва ќе играат Олимпијакос против финалистот Атлетико Мадрид и Јувентус против Малме. Шампионот Реал во Мадрид ќе го пречека Базел, додека во истата група Б Ливерпул на „Енфилд“ ќе игра со дебитантот Лудогорец.
Двојките во групата Ц се Монако – Баер Леверкузен и Бенфика – Зенит
И оваа сезона, преносите на Македонската телевизија ќе бидат од најинтересните натпревари в среда. Изборот за утрешниот е од петтиот меѓусебен дуел во последните четири сезони меѓу Баерн Минхен и Манчестер Сити.
