Свет

Блиски Исток: Напади, закани и дипломатски ќор-сокак

31.03.2026 18:55

И дипломатски напори и закани со уништување – на војната на Блискиот Исток не ѝ се гледа крајот. Вашингтон тврди дека Иранците се подготвени да соработуваат, Техеран негира директни разговори и го отфрла мировниот план од 15 точки. „Не бевте со нас - нема да бидеме со вас“, шефот на Белата куќа им порача на европските сојузници сами да си ја обезбедат сопствената нафта низ Ормускиот теснец.

Во екот на дипломатските напори за ставање крај на војната на Блискиот Исток, САД се закануваат дека ќе ги уништат енергетските постројки на Иран, ако не се постигне договор и не се отвори Ормускиот теснец. Трамп изјави дека Вашингтон преговара со претседателот на иранскиот парламент и дека во рок од една недела ќе се знае дали двете страни можат да соработуваат.

„Претседателот Трамп не блефира и не се повлекува. Можете да го прашате Хомеини за тоа. Овој нов режим треба да биде помудар од претходниот. Претседателот Трамп ќе склучи договор за кој е подготвен. А условите на договорот им се познати. Ако Иран не е подготвен, тогаш Министерството за војна на САД ќе продолжи со уште поголем интензитет“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.

Техеран негира директни преговори, отфрлајќи ја американската мировна понуда од 15 точки како прекумерна и ирационална.

„Секое носење одлуки за завршување на војната ќе биде само во насока на обезбедување достоинство, безбедност и на интересите на Иран“, рече Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

Властите во Техеран решија да воведат патарини за премин низ Ормускиот теснец и ограничување на бродови за земји што имаат санкции против Иран. Шефот на Белата Куќа упати остра порака до европските сојузници, порачувајќи дека САД повеќе нема автоматски да им помага во безбедносни и енергетски кризи. Тој истовремено предложи европските држави да купуваат енергенси од САД, нагласувајќи дека американските ресурси се доволни за снабдување.

„Иранците се закануваат дека ќе воспостават постојан систем во Ормускиот теснец каде што ќе одлучуваат кој ќе минува низ меѓународните води. Тоа никогаш нема да дозволиме да се случи“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Борбите продолжуваат. САД жестоко удрија врз Исфахан, Израел врз Техеран. Продолжуваат и нападите против Хезболах во Либан.

„Решени сме да го одвоиме Либан од иранската арена, да ги искорениме змиските заби и да му ја отстраниме на Хезболах неговата способност да се заканува, и еднаш засекогаш да ја промениме ситуацијата во Либан со безбедносно присуство на Израелските одбранбени сили на потребните локации“, нагласи Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Кувајтски танкер во пристаништето во Дубаи беше погоден од ирански дронови. Саудиска Арабија, Катар и Јордан се состанаа во Џеда за координирање регионален одговор на иранските напади.

Маријана Димовска