Салмонела е причината за труењето на вработените во РЕК Битола
Салмонела е причината за труењето. Центарот за јавно здравје ги објави резултатите од земените брисови од вработените и од работните површини во кујната на РЕК Битола.

Салмонела е причината за труењето на вработените во рудникот во РЕК Битола-покажува стручното епидемиолошко истражување. Тоа се потврдува со клиничката слика, како и со лабораториските наоди во фецесот на пациентите-каде е потврдена салмонела група Д.
Во мострите од храна не е утврдено присуство на патогени бактерии, додека во 7 од 15 брисови од работни површини утврдено е присуство на зголемен број непатогени бактерии кои укажуваат на недоволна хигиена, но не се поврзани со труењето со храна.
Вкупниот број на пациенти кои побарале помош во битолската клиничка болница достигна 175, од нив 40 се на дневна болница, а 10 се хоспитализирани, во стабилна здравствена состојба.
Епидемиолошкото истражување укажува дека сите заболени лица се вработени во рудникот, каде храната била пакувана и дистрибуирана, додека кај работниците од делот на „термото“, кои ја консумирале веднаш по приготвувањето, нема пројавено никави симптоми.
Александра Максимовска
