Савески ги повлече овластувањата за предметите, најави нови правила
Државниот обвинител најави реформи во системот, еднакво вреднување на трудот и нов закон што ќе ги дефинира критериумите за избор. Потврди дека Трајчева е повлечена поради истечен мандат. Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители го одбележаа Денот на правосудството.

Правдата и интегритетот на јавните обвинители се нивниот штит и своето место во системот треба да го демонстрираат преку независност и транспарентност, вели државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Тој истакна дека еднакво ќе го вреднува трудот на секој обвинител и најави дека донел одлука да ги повлече сите овластувања за предметите по кои досега постапувале обвинителите.
Во однос на повлекувањето на обвинителот Ивана Трајчева од застапување на обвинението против полицајците кои се обвинети во врска со дискотеката „Пулс“, вели на неа ѝ е истечен мандатот, па затоа е поставен друг обвинител.
Со новиот Закон за Советот на јавни обвинители ќе се прецизираат критериумите за избор на обвинителите.
На Денот на правосудството од Јавното обвинителство им се заблагодарија на меѓународните донатори што им помагаат во експертиза и во техничка опрема за поефикасно функционирање на јавно-обвинителскиот систем.
Игор Панов
