БЛИСКИ ИСТОК

Трамп: За две до три недели ќе го напуштиме Иран

01.04.2026 08:59

Трамп вели дека имал една цел – Техеран да не може да има нуклеарно оружје, и вели дека таа е постигната...

Шефот на Белата Куќа сугерира дека САД ќе го напуштат Иран за две или три недели. Трамп вели дека имал една цел – Техеран да не може да има нуклеарно оружје, и вели дека таа е постигната. Според него, новата генерација ирански лидери се многу помалку радикализирани и порационални. Американскиот претседател одново потенцираше дека ако Франција или друга земја сака нафта, можат да одат по Ормускиот теснец и да се бранат сами, а САД нема да имаат никаква врска со тоа.

„Мислам дека луѓето го разбираат тоа, ќе заминеме многу наскоро. И ако Франција или некоја друга земја сака да добие нафта или гас, ќе одат низ Ормускиот Проток. Ќе одат директно таму и ќе можат сами да се грижат за себе. Мислам дека ќе биде многу безбедно, но ние немаме никаква врска со тоа бидејќи овие земји, Кина, ќе си ги наполнат своите прекрасни бродови со гориво, ќе си заминат и ќе се грижат за себе“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Претседателот на Иран вели дека земјата е подготвена да престане да се бори доколку не биде повторно нападната. Од друга страна, Израел тврди ќе ја уништат воената индустрија на Иран во наредните денови. Досега биле нападнале и околу 2.500 цели низ Либан, а биле елиминирани и повеќе од 900 милитанти на Хезболах.

„Пред операциите, се боревме сами против Иран. Денес, се бориме рамо до рамо со САД, во невидена историска соработка меѓу претседателот Трамп и мене, и меѓу американската војска и Израелските одбранбени сили. Не само што ги зајакнавме САД, туку и формираме нови сојузи со важни земји во регионот против заедничката иранска закана“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во сенка на војната со Иран, Кнесетот го усвои законот „смртна казна за терористи“ кој предвидува построги казни за смртоносни напади, особено за Палестинците осудени во израелските судови. Новата уредба наиде на остри критики од меѓународната заедница.