Блиски Исток

Трамп најави скоро повлекување од војната со Иран

01.04.2026 12:05

Трамп најави дека САД „многу скоро“ ќе се повлечат од војната со Иран, повторно прогласувајќи „промена на режимот“, но и со порака дека другите земји треба да се погрижат за безбедноста во Ормускиот теснец. Шефот на Белата куќа вечер ќе се обрати на нацијата…

САД би можеле да ја завршат воената операција против Иран во рок од две до три недели, изјави шефот на Белата Куќа. За Ормускиот теснец, кој Исламската Република го блокираше, Трамп вели дека повеќе не е негов проблем. За денеска најавено вонредно обраќање на американскиот претседател до нацијата.

„Мислам дека луѓето го разбираат тоа, ќе заминеме многу наскоро. И ако Франција или некоја друга земја сака да добие нафта или гас, ќе одат низ Ормускиот Проток. Ќе одат директно таму и ќе можат сами да се грижат за себе. Мислам дека ќе биде многу безбедно, но ние немаме никаква врска со тоа бидејќи овие земји, Кина, ќе си ги наполнат своите прекрасни бродови со гориво, ќе си заминат и ќе се грижат за себе“, изјави Доналд Трамп • претседател на САД.

Претседателот на Иран изјави дека земјата е подготвена да престане да се бори доколку не биде повторно нападната. Од иранското МНР велат дела имаат длабока недоверба кон Вашингтон бидејќи во минатото преговорите не донеле ништо освен прекршени договори и воени дејствија. Техеран и Вашингтон разменуваат пораки преку директни и индиректни канали, но Иран не одговорил на објавениот предлог од 15 точки на САД и не дал никаков свој предлог, тврди шефот на дипломатијата.

„Нивото на доверба е на нула и нормално е кога тие предлагаат преговори, првото нешто што е важно за нас да процениме е колку се искрени во процесот. Не гледаме искреност. Оваа доверба не постои. И за да се изгради доверба, треба да се преземат големи чекори за да можеме да бидеме во ситуација каде што може да се спроведат преговори“, Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Од друга страна, Израел тврди ќе ја уништат воената индустрија на Иран во наредните денови. Досега биле нападнале и околу 2.500 цели низ Либан, а биле елиминирани и повеќе од 900 милитанти на Хезболах.

„Пред операциите, се боревме сами против Иран. Денес, се бориме рамо до рамо со САД, во невидена историска соработка меѓу претседателот Трамп и мене, и меѓу американската војска и Израелските одбранбени сили. Не само што ги зајакнавме САД, туку и формираме нови сојузи со важни земји во регионот против заедничката иранска закана“, Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Борбите продолжуваат и во Иран и во Израел. Со проектил е погоден танкер крај брегот на Доха, соопшти Центарот за поморски трговски операции на Обединетото кралство. Нападот се случува еден ден откако танкер со нафта од Кувајт и Саудиска Арабија беше погоден од беспилотни летала крај брегот на Дубаи.

Маријана Димовска