Скопје дел од Европската недела на мобилност 2014

16.09.2014 14:18

Како да се спротивставиме на секојдневниот сообраќаен метеж? Да ги оставиме возилата! Почнува Европската недела на мобилност, а ќе трае до 22-ри септември...

Градоначалникот Коце Трајановски денеска во име на Град Скопје потпиша пристапница за учество во Европската недела на мобилност 2014, со што и официјално почна оваа позната и масовна еднонеделна кампања за одржлива мобилност и почиста средина во Скопје.

Градот Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и годинава, традиционално, се вклучува во одбележувањето на Европската недела на мобилност – Денот без автомобили 2014 и организира многубројни манифестации, едукативни работилници, предавања и акции во насока на промоција на алтернативните видови транспорт.

„Европската недела на мобилност е кампања која промовира визија на градски улици на кои не доминираат моторните возила. Тоа е недела на велосипедистите, пешаците, возачите на ролери, тротинети, скејт-борди, корисниците на инвалидски колички, на сите учесници во сообраќајот кои не ја загадуваат животната средина, не прават бучава, не го заземаат животниот простор на своите сограѓани. Со приклучување кон Европската недела на мобилност и почитување на нејзините цели сите ние правиме многу – за чистотата на воздухот и животната средина во која живееме, за квалитетот на животот, за безбедноста во градот“, рече денеска градоначалникот Трајановски.

Кампањата ќе заврши на 22 септември, на Денот без автомобили, со дефиле на велосипеди кое ќе се вози по градските улици.