Свет

Цените на нафтата и гасот во Европа растат поради кризата на Блискиот Исток

01.04.2026 15:33

Цените на нафтата и гасот во Европа растат поради кризата на Блискиот Исток. ЕУ предупредува дека наскоро нема да има стабилизација. И покрај доволните резерви, притисокот врз снабдувањето и ризикот од нови поскапувања остануваат сериозни...

Растечките цени на нафтата и гасот во Европа, како резултат на тековната војна со Иран, нема да се вратат на нормални нивоа наскоро, дури и ако утре биде прогласен мир, предупреди европската унија. Комесарот за енергија вели дека иако во моментов нема недостиг на нафта и гас во блокот, постои притисок врз снабдувањето со дизел и керозин, како и ризик од повисоки цени на електричната енергија.

„Од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, цените во ЕУ се зголемија за околу 70% за гасот и за 60% за нафтата. Во финансиска смисла, 30 дена конфликт веќе ја чинат Унијата 14 милијарди евра за увоз на фосилни горива. Како што кризата на Блискиот Исток влегува во својот втор месец, јасно е дека се соочуваме со многу сериозна ситуација“, изјави Ден Јоргенсен, еврокомесар за енергија.

Брисел разгледува нови извори на енергија од Азербејџан, Алжир и Канада, како и од помали производители од светот. Охрабрување за членките на ЕУ да го разгледаат планот на Меѓународната агенција за енергија-да работат од дома и да го употребуваат јавниот превоз. Слични мерки и во Австралија.

„Ја преполовуваме акцизата за гориво. Го намалуваме данокот на секој литар бензин. Месеците што претстојат можеби нема да бидат лесни. Во текот на наредните недели, ако можете да преминете на фаќање на воз, автобус или трамвај до работа, сторете го тоа“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

Цените на нафтата го завршија март со најголем месечен пораст во историјата поради конфликтот на Блискиот Исток.

Катерина Бојаџиева