Денеска вонредно обраќање на Трамп за Иран
Трамп најави дека САД многу скоро ќе се повлечат од војната со Иран.За блокираниот Ормуски теснец, шефот на Белата куќа вели дека земјите сами треба да си обезбедат безбедна пловидба. Американскиот претседател вечер ќе се обрати на нацијата.Од Техеран велат дека имаат длабока недоверба кон Вашингтон. Борбите продолжуваат на Блискиот Исток. Со проектил е погоден танкер крај брегот на Доха...

САД би можеле да ја завршат воената операција против Иран во рок од две до три недели, а за тоа не е потребен договор, изјави шефот на Белата Куќа. За блокираниот Ормуски теснец, вели дека повеќе не е негов проблем, а европските сојузници сами да си обезбедат нафта. Вечерва американскиот претседател вонредно ќе се обрати до нацијата. За британски „Телеграф“, Трамп изјави дека размислува за повлекување на САД од НАТО, откако европските сојузници одбија да му се приклучат на војната против Иран.
„Мислам дека луѓето го разбираат тоа, ќе заминеме многу наскоро. И ако Франција или некоја друга земја сака да добие нафта или гас, ќе одат низ Ормускиот Проток и ќе можат сами да се грижат за себе“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Иран велат дека немаат доверба во Вашингтон бидејќи во минатото преговорите не донеле ништо освен прекршени договори и воени дејствија.
„Нивото на доверба е на нула и нормално е кога тие предлагаат преговори, првото нешто што е важно за нас да процениме е колку се искрени во процесот. Не гледаме искреност. Оваа доверба не постои“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Од друга страна, Нетанјаху тврди дека ќе ја уништат воената индустрија на Иран и нотираат успеси во Либан. Во исто време Хутите извршија нов напад врз Израел.
„Пред операциите, се боревме сами против Иран. Денес, се бориме рамо до рамо со САД, во невидена историска соработка меѓу претседателот Трамп и мене, и меѓу американската војска и израелските одбранбени сили“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Со проектил е погоден танкер крај брегот на Доха, ден по нападот на танкер на брегот на Дубаи. Емиратите се подготвуваат да им помогнат на САД и сојузниците да го отворат Ормускиот теснец, објави „Волстрит џурнал“. Британскиот премиер најави дека земјата ќе биде домаќин на меѓународен самит за плановите за враќање на слободната пловидба во протокот.
Маријана Димовска
