Повисока инфлација, забавен раст - предвидува ММФ
Шокот од цените на енергенсите, кој произлегува од војната на Блискиот Исток, се очекува да влијае негативно врз растот на македонската економија и повторно да создаде инфлаторни притисоци, предвидува ММФ. Премиерот Мицкоски, пак, очекува позитивните економски движења да се задржат оти раст е забележан во сите области, вклучувајќи ги и капиталните инвестиции.

Инфлацијата ќе се зголемува, растот на БДП ќе забавува, Народна банка да ја затегне монетарната политика – мисијата на ММФ со предупредување до земјава за последиците од кризата на Блискиот Исток. По консултациите со македонските власти, монетарците препорачуваат зголемување на каматната стапка и постепено приближување на околу два проценти на среден рок.
„Реалниот раст на БДП се проектира да забави на 3,1 процент во 2026 година. Во исто време, повисоките глобални цени на нафтата се очекува да ја зголемат инфлацијата на околу 4,5 проценти во 2026 година, дефицитот на тековната сметка се очекува да се прошири на околу 5 проценти од БДП“, велат од ММФ.
За разлика од ММФ, премиерот Мицкоски очекува позитивните економски движења да се задржат оти раст е забележан во сите области, вклучувајќи ги и капиталните инвестиции.
И додека власта вели дека внимателно се следи ситуацијата и ако е потребно ќе се преземат и други мерки, освен намалување на ДДВ на горивата, опозицијата критикува дека скапотијата ги јаде семејните буџети и оти Владата доцни со мерките.
Викторија Милевска
