Трамп: Иран побара примирје
Трамп се закани со излегување од НАТО и даде временска рамка за војната на Блискиот Исток. Очекува операцијата да заврши за две до три недели и рече дека Иран побарал примирје. Техеран со недоверба гледа на најавите на Вашингтон. ЕУ предупредува на далекусежните економски последици.

Американскиот претседател Трамп тврди дека Техеран побарал прекин на огнот, но дека САД ќе го разгледаат барањето само по отворањето на Ормускиот теснец. До тогаш, ќе продолжат со уништувањето на Иран. Трамп рече дека воената операција може да заврши за две-три недели без договор и дека размислува за повлекување од НАТО. Ормускиот теснец, додава, повеќе не е американски проблем, а европските сојузници сами да си обезбедат нафта. Вечерва има вонредно обраќање до нацијата.
„Ќе заминеме многу наскоро. Ако Франција или некоја друга земја сака да добие нафта или гас, ќе одат низ Ормускиот Проток и ќе можат сами да се грижат за себе“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Техеран е подготвен за крај на војната, но нема доверба во Вашингтон поради претходните прекршени договори и воени дејствија.
„Кога тие предлагаат преговори, првото нешто што е важно за нас да процениме е колку се искрени во процесот. Не гледаме искреност“, рече Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
На изјавите на Трамп реагира и британскиот премиер Стармер-НАТО е најефикасен воен сојуз, но ова не е наша војна. Најави дипломатски напори за деескалација и отворање на Ормускиот теснец.
„Ова не е наша војна и нема да бидеме вовлечени во неа. Министерот за надворешни работи ќе биде домаќин на состанок каде што ќе ги процениме сите одржливи дипломатски и политички мерки што можеме да ги преземеме за да ја вратиме слободата на пловидбата“, нагласи Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
Емиратите се подготвени да помогнат за отворање на теснецот, додека Иран продолжува да таргетира танкери во Заливот. Израел најавува удари врз иранската воена индустрија, а Хутите продолжуваат со напади. Во меѓувреме, ЕУ предупредува дека цените на нафтата и гасот во Европа нема брзо да се стабилизираат, дури и со брз мир.
„Цените во ЕУ се зголемија за околу 70% за гасот и 60% за нафтата. 30 дена конфликт веќе ја чинат унијата 14 милијарди евра за увоз на фосилни горива“, рече Ден Јоргенсен, еврокомесар за енергија.
Брисел бара нови извори на енергија од Азербејџан, Алжир и Канада, и препорачува штедење – работа од дома и користење јавен превоз.
Бојана Крстевски
