Здравство

Ревидирана листата на есенцијални лекови

01.04.2026 17:42

По една деценија, ревидирана листата на есенцијални лекови. Надлежните најавија дека ќе се ажурира на секои две години за поголема достапност на потребната терапија и поефикасна здравствена заштита.

Никотинска терапија – фластери и гуми за џвакање и контрацептивни средства за првпат ставени на есенцијалната листа која се обновува после една деценија. Нема да бидат бесплатни, но ќе бидат подостапни за пациентите. Зголемен е и бројот на антиинфективни лекови.

„Тоа поттикнува нивна достапност, а советувалиштата кои постојат за одвикнување од пушење и матичните лекари кои ќе ја имаат предвид есенцијалната листа кога ќе видат дека ги има тие препарати, достапноста ќе се зголеми и ќе почнат да ги пропишуваат“, изјави Зоран Штериев – национална платформа за лекови.

„Листата се осврнува не само на лекувањето туку и на превенцијата, сето тоа е темел на здрвената заштита“, изјави Аким Али – Светска здравствена организација.

Разликата помеѓу есенцијалната и позитивната листа е тоа што државата лековите мора да ги има обезбедено во секое време иако за некои нема економска исплатливост.

„Нашата цел е листата на есенцијални лекови да ги одразува современите терапевтски стандарди и новите лекови кои се докажани како клучни за јавното здравје во државата. А воедно да овозможиме голема достапност до современите и ефикасни терапии кои се докажани во светот“, нагласи министерот за здравство, Азир Алиу.

Со новиот закон за лекови предвидено е есенцијалната листа на лекови да се ажурира на секои две години, согласно препораките на Светската здравствена организација.

Андријана Ѓурческа