Трамп: Близу е крајот на војната во Иран
Мисијата на американските сили во Иран се приближува кон крајот, тврди американскиот претседател. Повторно ги повика сојузниците да се погрижат за безбедна пловидба низ Ормускиот теснец. Јапонија изрази надеж дека преговорите на САД со Иран за тековниот конфликт ќе одат во добра насока. Австралискиот премиер повика на деескалација и поголема јасност во врска со крајната цел на војната. Обраќањето на Трамп ги раздвижи берзите…

Американските сили во Иран се на добар пат да ја завршат мисијата наскоро, истакна шефот на Белата Куќа во обраќање до нацијата. Во говорот, кој траеше околу 20 минути, Трамп одново ги повикаа сојузниците да го обезбедат бродскиот сообраќај во Ормускиот теснец, тврдејќи дека на САД протокот не им е потребен. Излагањето на Трамп повторно ги раздвижи берзите, цените на нафтата пораснаа, а акциите забележаа пад.
„САД речиси и да не увезуваат нафта преку Ормускиот теснец и нема да земаат во иднина, не ни треба. Го победивме и целосно го уништивме Иран и воено и економски и на секој друг начин. И земјите од светот што добиваат нафта преку теснецот мора да се грижат за тој премин. Ние ќе бидеме од помош, но тие треба да ја преземат водечката улога во заштитата на нафтата од која толку очајно зависат. Имам предлог. Прво, купете нафта од САД, имаме многу. И второ, соберете малку храброст. Требаше да го направите тоа порано, требаше да направите со нас како што побаравме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Јапонија изрази надеж дека преговорите на САД со Иран за тековниот конфликт ќе одат во добра насока.
„Разбирам дека Трамп го објасни значењето на најновата акција на САД и моменталната ситуација. Исклучително е важно за меѓународната заедница и Јапонија да го одржат мирот и стабилноста на Блискиот Исток, вклучително и обезбедувањето безбедна пловидба во Ормускиот теснец“, изјави Кихара Минору, главен секретар на владата на Јапонија.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе повика на деескалација и поголема јасност во врска со крајната цел на војната во Иран.
„Австралија не беше консултирана пред да почне оваа војна. САД се суверена држава и тие се најголемата економија во светот. Она што го кажав е многу јасно, дека сакам да видам деескалација и сакам да има и признание, поголема јасност за тоа како ова ќе заврши“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Иранскиот претседател претходно, во писмо до американскиот народ изјави дека неговата земја не негува непријателство кон обичните Американци. Ги повика САД да ја прекинат војната, предупредувајќи дека Исламската република ќе преживее секаков облик на американска агресија.
„Точно кои од интересите на американскиот народ навистина служат во оваа војна? Дали имаше објективна закана од Иран за да се оправда таквото однесување. Нападот на САД и ционистичкиот режим врз Иран не е знак на моќ, туку знак на конфузија и неможност за постигнување стабилни решенија“, објави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан до американскиот народ.
Тел Авив алармира за нови напади од милитантната група Хезболах. Иран вчера изврши голем ракетен напад врз Израел од почетокот на војната, непосредно пред еврејскиот празник Пасха.
Маријана Димовска
