Наместо банкоматите, ги полнеле џебовите!

16.09.2014 14:46

Првичната истага покажува дека осомничените парите ги делеле меѓу себе. Украле повеќе од 200 илјади евра...

Тројца вработени во позната банка систематски го празнеле трезорот. Откриле модус како да внесат помалку пари во касетките, а софтверот мануелно да го подесат.

Кога во јуни увиделе дека кражбата поминала незабележано, зачестиле со арамилакот. За два и пол месеца уште десет пати посегнале по парите од трезорот.

„Во конкретниот случај нема оштетени граѓани, како оштетена се јавува единствено банката, со тоа што во овој момент не би сакале и не би можеле да го соопштиме нејзиното име“, изјави помошник министерот за односи со јавноста во МВР, Иво Котевски.

Мозокот на операцијата, главниот трезорист задолжен за контрола замижувал пред криминалот. Неговиот колега во изолирана просторија, без видео надзор внесувал помалку пари во касетките, а за сумата правел фиктивни записници. Касетките му ги предавал на третиот колега задолжен за полнење на банкоматите. Тој мануелно го подесувал софтверот за да изгледа дека се е во ред.

Првичната истага покажува дека осомничените парите ги делеле меѓу себе. Украле повеќе од 200 илјади евра.

Додека е во притвор, полицијата ќе ги чешла сметките на главниот трезорист и ќе утврдува што крие неговиот сеф. Неговите колеги се во домашен притвор и кај нив не се пронајдени пари поврзани со грабежот.

 

Анита Димитријевска