Обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка од функцијата
Обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка од функцијата јавен обвинител. Како клучни причини ги посочува последните одлуки во обвинителскиот систем. Вели не гледа простор за работа во согласност со принципите за кои, како што наведува, се залагала во текот на целата своја кариера.

Откако и беа одземени предметите „Талир“, а претходно беше исклучена од трката за главен државен обвинител, Ленче Ристоска поднесе оставка на обвинителската функција. Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели — такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера – пишува Ристоска во соопштението до медиумите.
„Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера“, - стои во соопштението од Ленче Ристоска.
Откако Советот на јавни обвинители ја отфрли нејзината преставка за напад врз интегритетот, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во, како што вели Ристоска, завршна фаза, смета дека постапките се во директна спротивност со визијата за која се залага како треба да функционира обвинителството.
Ристоска за одлуката преку смс го информирала нејзиниот шеф Ненад Савески кој изрази жалење за оставката, посочувајќи дека сепак тоа е нејзина лична одлука.
„Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со европравда“- соопшти Ненад Савески.
Одлуката за отповикување на сите овластувања дадени од моите претходници не е персонална и насочена за работата на обвинителката Ристоска, туку е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на јавното обвинителство – коментира државниот обвинител Савески. Тој вели-одлуките кои ги донесов и кои ќе ги донесам се во насока да ја гарантирам независноста и самостојноста во работењето на Јавното обвинителство.
Миле А.Ристески
