Мисијата на американските сили во Иран се приближува кон крајот, тврди американскиот претседател
Мисијата на американските сили во Иран се приближува кон крајот, тврди американскиот претседател.Повторно ги повика сојузниците да се погрижат за безбедна пловидба низ Ормускиот теснец. Јапонија се надева дека преговорите на САД со Иран ќе одат во добра насока. Кина повика на деескалација, Австралија бара поголема јасност во врска со крајната цел на војната. Обраќањето на Трамп ги раздвижи берзите...

Американските сили во Иран се на добар пат да ја завршат мисијата наскоро, истакна шефот на Белата Куќа во обраќање до нацијата. Трамп одново ги повикаа сојузниците да го обезбедат бродскиот сообраќај во Ормускиот теснец. 20-минутниот говор ги раздвижи берзите, цените на нафтата пораснаа, а акциите забележаа пад.
„Земјите од светот што добиваат нафта преку теснецот мора да се грижат за тој премин. Ние ќе бидеме од помош, но тие треба да ја преземат водечката улога во заштитата на нафтата од која толку очајно зависат. Имам предлог. Прво, купете нафта од САД, имаме многу. И второ, соберете малку храброст. Требаше да го направите тоа порано, требаше да направите со нас како што побаравме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Јапонија изрази надеж дека преговорите на САД со Иран за тековниот конфликт ќе одат во добра насока. Кина повика на деескалација. Австралија повика на поголема јасност во врска со крајната цел на војната.
„Разбирам дека Трамп го објасни значењето на најновата акција на САД и моменталната ситуација. Исклучително е важно за меѓународната заедница и Јапонија да го одржат мирот и стабилноста на Блискиот Исток, вклучително и обезбедувањето безбедна пловидба во Ормутскиот теснец“, изјави Кихара Минору, главен секретар на владата на Јапонија.
„Основната причина за прекинот на пловидбата во Ормускиот теснец лежи во нелегалните воени дејствија преземени од САД и Израел против Иран. Само со прекин на непријателствата и постигнување мир и стабилност во регионот на Заливот може фундаментално да се заштити безбедниот и непречен проток на меѓународната поморска рута“, изјави Мао Нинг, портпарол на МНР на Кина.
„Австралија не беше консултирана пред да почне оваа војна. САД се суверена држава и тие се најголемата економија во светот. Она што го кажав е многу јасно, дека сакам да видам деескалација и сакам да има и признание, поголема јасност за тоа како ова ќе заврши“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Иранскиот претседател во писмо до американскиот народ ги повика САД да ја прекинат војната, предупредувајќи дека Исламската република ќе преживее секаков облик на американска агресија.
„Точно кои од интересите на американскиот народ навистина служат во оваа војна? Дали имаше објективна закана од Иран за да се оправда таквото однесување. Нападот на САД и ционистичкиот режим врз Иран не е знак на моќ, туку знак на конфузија и неможност за постигнување стабилни решенија“, објави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан до американскиот народ.
Војната продолжува, напади и во Иран и во Израел. Тел Авив алармира за нови гранатирања од милитантната група Хезболах.
Маријана Димовска
